Јанко Томов
Материјалот за книгата „Античката историја на Македонија и Балканот во делата на западните автори“, Јанко Томов го наоѓал во библиотеките во Квинсленд и Бризбејн (Австралија). Притоа наишол на големброј книги во кои се споменува Македонија и македонската историја. Во значителен дел од нив античката македонска историја е погрешно прикажана како „грчка“, Александар Македонски како „Грк“ а неговата војска како „грчка војска“. Цитирајќи еминентни автори, Јанко Томов на читателот му нуди аргументи и можност за споредба помеѓу грешките и фалсификатите од една страна и вистината од друга.
Книгата е печатена во две јазични верзии: македонска и англиска.
И во втората книга „Солунскиот манифест од 1984 и движењето за човекови права во дијаспората“ Јанко Томов на читателот му предочува текстови и документи (записници од состаноци, искази, резолуции, планови и стратегии за борбата за заштита на основните човекови права на Македонците) од кои може јасно да се согледа суровоста, асимилацијата и геноцидот што го вршат властите на соседните држави на Македонија, особено Грција, Бугарија и Албанија, земји во кои живее голем број Македонци.
Јанко Томов е роден во Струмица на 4. мај 1938 година. 
!970 година со својата сопруга и двете деца, (син и ќерка) заминува за Австралија. Три години живеат во Сиднеј каде се раѓа и втората ќерка. Извесно време живеат во Перт. Последниве три децении живеат во Квинсленд.
Јанко Томов дипломирал на Факултетот за физичка култура при Универзитетот во Белград во 1961 година и се стекнал со звање виш спортски тренер од прва класа по спортска гимнастика и тренер по атлетика. Работел во „Партизан“ на Македонија и во Сојузот за телесно воспитување. Бил тренер и селектор по спортска гимнастика на Македонската репрезентација.
Во Австралија отпрвин работи како наставник по физичко воспитание и спорт во една гимназија во Сиднеј.
Како македонски активист Јанко Томов е основач и прв претседател на ВМРО-ДПМНЕ за Перт, Западна Австралија во периодот од 19.08.1990 година до јануари 1991 година.
Јанко Томов се занимава и со пишување:„Штафетни игри и полигони“ (прирачник за тренери и професори по физичко образование). Автор е на повеќе статии од национално-политички карактер, објавени во „Македонскиот патриотски билтен“ во Перт, во списанието „Глас на Македонците“ од Сиднеј, „Македонија“ од Мелбурн, како и во списанието „Македонско сонце“ од Македонија. Учесник е на бројни литературни читања на коишто ги претставувал своите лични поетски творби.
|